x
С Е Т У
М и х а ј л о
П у п и н

Биографија на Михајло Пупин

Биографијата на Михајло Пупин е преземена од монографијата на нашето училиште која што е напишана од страна на професорот по историја Мирослав Бошковиќ

Михајло Пупин

Меѓу умовите кои ги трасирале патиштата на големата индустриска револуција при крајот на XIX и почетокот на XX век, а кои силно ја влечеле свеста и прогресот на светот, Балканот има дадено две многу истакнати имиња, познатите научници и пронаоѓачи Михајло И. Пупин и Никола Тесла. Пупин е особено заслужен за развојот на електротехниката и телекомуникацијата во светот и е еден од најголемите физичари и електротехничари.

Михајло Пупин е роден на 9 октомври 1854 година во село Идвор, Панчево, тогашната воена погранична област на Хабсбуршката монархија. Татко му се вика Константин (Коста), а мајка му

Олимпија Пупин

Олимпијада. Од пет синови, а исто толку и ќерки, останале само Михајло и три сестри бидејќи другите поради болест набрзо умреле. Неговите родители не биле писмени, но биле многу бистри, а посебно мајка му.

Предците на Константин, на таткото на Михајло Пупин, се доселиле во Банат од Вевчани во Македонија, веднаш до Охридското Езеро, под планината Јабланица. Двата родни краја влијаеле врз Михајло со својата убавина, со мирот и искреноста. Двата носат свест за убавите традиции на народот, чувство дека тие мора длабоко да се почитуваат и дека човек може само да им се воодушевува.

За потеклото на Михајло Пупин и неговото семејство истражувал проф. Павле Митрески, а посебна радост му претставува што Српската, Руската и Македонската академија на науките и уметностите му го признале истражувачкиот и научен труд во кој зборува за прадедото на Михајло Идворски Пупин.

Семејството Пупин во 1568-1569 година се населува постепено во околината на Вевчани од Москополе, тогашен трговски центар во кој живееле Власи од православна вера. Баба Пупа со децата, Ѓорѓе, Никола, Константин и Стојан, добива куќа во Вевчани. Во 1690 година Константин Пупа со семејството се приклучува на патријархот Арсение III Чарноевиќ и учествува во познатата преселба на Србите. Константин се населува во Идвор. Тука во 1854 година се раѓа Михајло Пупин, правнук на Константин.

Собата на Михајло Пупин

Основно училиште завршил во родното село, а потоа 5 класа гимназија во Панчево на германски јазик, бидејќи тој крај се наоѓал под австроунгарска власт. Бунтовен, со немирен дух, поради учеството во демонстрациите против австроунгарските власти, бил принуден да ја напушти гимназијата во Панчево и по совет на својата мајка, заминал да се школува во Прага.   Разочаран во Прага, во учителите и во целото однесување на наставниците во средното училиште,на полугодието од седмиот клас, Пупин одлучил набрзо да го напушти овој град. Во 1874 година, со брод преку Хамбург, заминува во Америка, и тоа на свои 20 години. Така почнало неговото патување во неизвесност, во непознатиот далечен свет. Секогаш во својот живот ги помнел збровите на својата мајка Олимпијада:

“Дете мое, ако сакаш да тргнеш во светот за кој толку слушаш на нашите седенки, мора да побараш уште еден пар очи за читање и пишување. Знаењето претставува златни скалила што не водат до небесата, знаењето е светлост што ни го осветлува патот низ овој свет и не води низ животот во иднината”.

Кога се симнал од товарниот брод “Вестфалија” во Касл Гарден, во Америка, имал само пет центи во џебот. Од хамбуршкото пристаниште, четиринаесет дена пловење со брод  до Америка, не мислел дека ќе издржи, од студ, страв, океан. Деновите ги поминувал склопчен крај бродскиот оџак, кој единствено бил топол. Го слушнал своето име изговорено со глас што доаѓал оддалеку, налик на мајчиниот глас што го довикува. Полицаецот, всушност, бил пред него и прочитал: Михајло Пупин…”Да, јас сум”. Еден печат и станал млад доселеник со сета своја беда. Посакал да изеде пита со сливи. Чинела точно пет центи. Всушност во питата немало ни трага од сливи, имало само семки од сливи. Четириесет неизвесни и страшни денови ја чекал својата прва работа. И дочекал. Во Делавера чувал мазги.

Во првите пет години по доаѓањето во САД, Пупин живеел во тешки услови. Работел како физички работник, а потоа се вработил во една фабрика за двопек, кога воедно завршува средно вечерно училиште. Есента 1879 година со одличен успех го положил приемниот испит на универзитетот “Колумбија” во Њујорк и студиите со најдобар можен успех ги завршил за четири години. Како одличен студент добил посебна стипендија за понатамошно студирање и проучување на техничките науки физика и математика, и тоа на Универзитетот во Кембриџ (1883 – 1885), а потоа продолжува со понатамошно студирање и усовршување на своите теоретски и стручни знаења во Берлин (1885 – 1889) каде и положил докторат од областа на физичка хемија на тема “Осмотичкиот притисок и неговиот однос спрема слободната енергија”. Пупин докторирал кај проф. Херман Хелмхолц, еден од најголемите научници на XIX век. Проф. Хелмхолц, по царот Вилијам и по Бизмарк, бил сметан за најугледниот човек на германската империја.

Универзитетот Колумбија

Второто Пупиново враќање во Америка било триумфално. На Универзитетот “Колумбија” ја започнува својата научна кариера како наставник по физичка хемија, работејќи во електротехничката лабораторија. Во оваа лабораторија ќе ги реализира своите 24 патенти. Потоа на овој  Универзитет Михајло Пупин е избран за редовен професор од 1889 година и активно работи до 1929 година. Неговите научни пронаоѓања се од областа на телефонијата, телеграфијата и радиотехниката. Светска слава стекнал со пронаоѓањето на “Пупиновите калеми” со кои било овозможено пренесувањето на гласот надалеку.

Пупинови калеми

Во периодот од 1894 до 1934 година, Михајло Пупин пријавил триест и четири патенти, за кои досега се знаело. Се смета дека со нив почнува пупинизацијата во науката. Некои Пупинови патенти подоцна ги пријавила неговата ќерка Варвара.

Првиот голем успех во  научната работа, Пупин го остварил во областа на испитување на хармонијата на изворот на наизменична струја. Врз основа на тоа следувал неговиот пронајдок  на повеќекратна телеграфија, со која денес се пренесуваат десетици илјади телефонски сигнали за еден пренослив пат и стотици телевизиски канали. Пупин се надоврзал на истражувањата на Рентген во областа на X-зраците и веќе на 2 јануари 1896 година ги направил првите рендгенски снимки во САД. Пупин со своите кабли овозможил пренос на телефонските сигнали во меѓуградски размери и направил огромен напредок во развојот на телефонијата. Истакнат стручњак во областа на електрицитетот, ги спојувал луѓето, просторите и настаните. На радост на науката и на Европа, која благодарение на неговите откритија, до 1911 година заработила сто милиони долари. Во употреба биле 125.000 Пупинови калеми на 85 милји воздушни и 170.000 милји кабелски линии. Со својата радиоврска земја-авион и земја-подморница, особено придонел за развојот на воената техника, на што Белата куќа особено му заблагодарила прогласувајќи го за член на Воениот одбор на САД. Кон крајот на XX век, Бил Гејтс, компјутерски гениј, изјавил дека го смета Михајло Пупин за претходник на информатичката технологија и дека тој со своите научни наследници придонел за планирањето, а потоа и создавањето на Американска вселенска агенција НАСА. Фондацијата “Mладен Селак”, на чело со патентниот инженер Милан Божиќ успеала да открие уште 52 патента на Пупин пријавени во повеќе држави во светот. Меѓу патентите се и три пронајдоци регистрирани во Париз.

Во текот на својот работен и животен век Пупин добил многу почести, награди и признанија. Бил претседател на Американскиот институт на радиоинженерите и претседател на АИЕЕ (Американски Институт за електроинженери), прв човек на Американската асоцијација за унапредување на науката и на Њујоршката академија на науки, како и член на Француската и Српската академија на науки.

Дел од музејската поставка во Идвор

Во 1920 година го доби Едисоновиот медал на АИЕЕ за својата работа во математичката физика и нејзината примена во електричната трансмисија. Една сала во Универзитетот во Колумбија и многу лаборатории во другите универзитети во САД го носат неговото име. Во негова чест на Месечината е именуван кратерот Пупин. Во 1946 година во тогашна Југославија е основан Институт “Mихајло Пупин” за инженеринг и технолошки истражувања.

Покрај разните одликувања, му биле доделени дури 18 почесни докторати на разни универзитети. Пупин бил член на повеќе Академии на науки и претседател на Академијата на науките во Њујорк.

Михајло Пупин со Алберт Ајнштајн

Освен научните откритија, Пупин е познат и како автор на три книги. За неговата автобиографија позната под насловот “Од иселеник до пронаоѓач”, објавена во 1923 година, ја добил Пулицеровата награда. Втората книга е објавена во 1924 година под наслов “Нова реформација”, а во 1930 година ја објавува и третата книга  од социјално-филозофски карактер и се вика “Романтика на машините”. Од оваа публикација може да се констатира дека Пупин, покрај одличното познавање на целокупната техника, бил личност со голема и широка образовна општествена култура.

Михајло Пупин, во почетокот на XX век, во САД, станал еден од 400-те најпознати луѓе. Тој светската слава ја стекнал посебно со своите иновации што овозможиле пренесување на човечкиот глас и на телеграфските пораки во неограничени должина, што било и останало од епохално значење. Потоа почнале да пристигнуваат и признанијата, а меѓу нив и парите. Така, само за еден изум му биле исплатени милион долари, што за тоа време било баснословна сума. 

Во неговата политичка активност на Париската мировна конференција (1919) Михајло Пупин се залагал и дал придонес за создавање на Југославија како заедничка држава на Јужните Словени во тогашните воспоставени граници (границите на Кралството на СХС). Во меѓувреме тој лично пратил писмо до американскиот претседател Вудро Вилсон, каде ги објаснил границите и етничките карактеристики на Далмација, Словенија, Истра, Банат, Меѓимурје, Барања и Македонија. Покрај тоа, Пупин ја афирмирал посебноста на Македонија и на македонскиот народ и се заложил за автономија.

Михајло Пупин гаел особена љубов кон Македонија и Охрид, каде давал sвонци како поклони на охридските цркви, основал фонд за помош на сиромашното население и сл. Во 1913 година била основана фондацијата “Oлимпијада Пупин” во рамките на Српската Академија на Науки и Уметности, која давала помош при образованието на децата од Србија и Македонија. Во чест на Пупин, уште во 1930-те години една улица во Охрид го носела неговото име.

Св. Богородица Перивлептос во Охрид

Во 1921 година, за Охрид како лулка на словенското христијанство, Михајло Пупин одлучил на црквата “Св. Богородица Перивлепта” да и подари “Kамбана на слободата” велејќи: “При влегувањето во Америка секој патник го гледа споменикот на слободата , нека и секој патник, кој доаѓа во Охрид, во тој граничен град на нашата земја, го слушне sвонењето на слободата.” Таа година преку својот пријател д-р Нико Жупанчиќ од Љубљана, порачал да се направи и ја подарил најтешката камбана на Балканот, тешка дури 2 300 килограми, зачувана до денес. Неа ја именувал “Kамбана за ослободувањето на Македонија” со шестоаголна релјефно изгравирана икона, со ликот на Св. Климент што од книги го поучува народот.

Во негова чест во Вевчани е отворен Спомен-дом на Михајло Пупин. Семејната куќа на родот Пупин, изградена во средината на XIX век, е целосно обновена и сега е сместувачко-угостителски објект со музејска поставка за животот и делото на Пупин.

Михајло Пупин ги пленувал студентите и младите со своето широко знаење, со човечката и научна личност, смиреност и сталоженост во работата не само во лабораторијата, туку и на Универзитетот. Со луѓето лесно воспоставувал комуникација, а посебно и поради фактот што освен својот мајчин јазик, зборувал германски, англиски и француски јазик, а течно читал оригинална литература на грчки и латински јазик.

Михајло Пупин бил во брак со Американката Сара Катарина Џекзон од Њујорк, која ја родила ќерката Варвара, подоцна омажена за Луис Смит.

Последните години од животот ги поминал во раскошната куќа на својот имот во Норфолк, близу Њујорк, повлечен од јавноста. Од едната страна на куќата течел поток, а од другата се наоѓало езеро. Пред неа се наоѓала прекрасна градина, во која одгледувал компири. Бил со љубов посветен на својата градина и шатките во езерото. Уморен и заситен од разните општествени ангажмани и политичка активност, се ограничувал само на учество во одделни акции од протоколарна природа, главно од стопански, научен и културно-просветен карактер.

Умрел во Њујорк, на 12 март 1935 година, во земјата во која ги остварил своите детски соништа. Тогаш имал осумдесет и една година. Бил погребан на њујоршките гробишта Вудлон, во Бронкс, каде што почиваат најзначајните личности од американската историја. На неговиот погреб присуствувале многу познати личности од јавниот, културниот, научниот и политичкиот живот на САД, меѓу кои и повеќе нобеловци, како и познатиот научник и пронаоѓач од областа на електро и радио-техниката Никола Тесла. Спомен обележјето и денес е добро сочувано.

Во знак на сеќавање на истакнатиот научник и пронаоѓач Михајло Пупин, во с. Идвор се наоѓа музејскиот комплекс во кој припаѓаат: Родната куќа, Музејот и Народниот дом на Михајло Пупин.

Родната куќа на М. Пупин, денес

Родната куќа на Михајло Пупин претставува дел од музејската поставка, и ја претставува Српската Банатска Куќа од средината на XIX век. Внатрешноста го отсликува секојдневниот живот во време кога Михајло Пупин живеел во неа.

Музејот на Михајло Пупин

Музејот посветен на ликот и делото на Михајло Пупин сместен е во зградата на старото училиште, изградена во 1843 година. Поставката го прикажува животниот пат на големиот научник од првите сознанија за светот во родителскиот дом, до признанијата и славата за своите научни достигнувања како во Америка, така и во татковината.

Народниот дом на Михајло Пупин

Народниот дом на Михајло Пупин претставува задужбина која што големиот научник  ја оставил  на Идвор и Идворчани. Отворена е во 1936 година, неполна година по смртта на Михајло Пупин. Се до 1979 година, Народниот дом  функционирал како дом на културата, кога го добил сегашниот изглед. Истовремено, подигнат е и новиот дел на Домот на културата “Михајло Пупин”.

По смртта на неговата мајка, за време на неговиот престој во Германија, Михајло Пупин основал фондација која била наменета за помагање на школувањето на деца од Србија и Македонија. Таа фондација била наменета да го зачува споменот на неговата мајка Олимпијада.